ЗА ВМРО-ДПМНЕ пописот е некомплетен, за СДСМ е голем успех

Илустрација

ВМРО-ДПМНЕ сметајќи дека овој попис е некомплетен се обврзува по смената на власта да спроведе чисто електронски попис по сите европски стандарди кои што може да биде и комплетен, и веродостоен и да ги нема фалинките и недостатоците кои што ги имаат овие пописни бројки, рече на денешната прес-конференција Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Пописот ваков каков што е во Република Македонија покажува алармантни бројки кои што се поразителни за сите општини освен за градот Скопје, и за целата држава, особено со тоа што имаме преголемо иселување. Пописот власта сака да го покаже како успех, иселувањето покажува дека истиот е неуспех, а бројката од 7.2% неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен“, посочи тој.

Според него, пописните бројки се показател за неуспех бидејќи, како што нагласи, има силен бран на иселувања, а операцијата е спроведена со низа забелешки, и со многу политика. Според Милошовски, затоа сметаат дека во ваквите бројките секој има право да се сомнева.

„Имаме 7,2% коишто го бојкотирале пописот тоа се повеќе од 132.000 граѓани, а живеат во државата. Имајќи предвид дека дел од Македонците овој попис го бојкотираа. Бројките на ДЗС требаше да се соопштат откако ќе се дефинираше припадноста на секој жител кој не се попишал или не се изјаснил на пописот. Затоа денес имаме некомплетен попис во овој дел“, истакна Милошоски.

Споредбено со пописот од 2002 година, како што додаде Милошоски, има околу 200.000 граѓани кои што се иселени и од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека оваа бројка е поразителна на државата, за сите општини, а особено, како што рече, за неуспешните економски политики на актуелната Влада.

Пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска – Ванчева оцени дека пописот е голем успех за граѓаните и за државата воопшто.

„Ние од самиот почеток сме конзистентни дека пописот е неопходен и мора да се случи и можам да кажам дека сме навистина задоволни затоа што успешно спроведен попис после 20 години за прв пат, комбиниран попис, кој што се спорведе во ек на пандемија со сите заштитни протоколи и исклучително успешен. Кога 99 проценти ќе бидат попишани тоа е резултат со кој што не можат да се пофалат многу развиени европски држави“, рече Калеска – Ванчева пренесувајќи го ставот на пратеничката група на СДСМ.

Вкупното попишано население во земјава изнесува 2 097 319 лица, од кои 1 836 713 живеат во државата. Нерезидентно население, односно луѓе кои повеќе од една година не живеат во земјава опфатени со пописот изнесува 260 606 лица.
Не се попишани на терен вкупно 132 260 луѓе за кои податоците се преземени од административни извори.

Од вкупното резидентно население во земјава 58,4 проценти од населението се изјасниле како Македонци, а 24,3 како етнички Албанци, 3,86 проценти како Турци, потоа 2,53 проценти како Роми, како Власи се изјасниле 0,47, како Срби 1, 3 отсто и 0, 87 проценти како Бошњаци.