Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) попладнево излезе на предупредувачки протест пред Собранието и Владата, поради тоа што досега не се усогласени платите со минималната плата.
Оттаму бараат Владата да го покачи бодот за да може да се задржи распонот на разликата меѓу платите на останатите вработени, затоа што сега само на 10 отсто од работниците ќе им се покачи минималната плата.
Претседателот на КСС Благоја Ралповски изјави дека со овој предупредувачки протест повторно му даваат шанса на социјалниот дијалог.
„Решението е едноставно, Владата треба да го покачи бодот. Тоа може да го направи за половина час, за сите да бидат задоволни“, изјави Ралповски на денешниот протест.
Тој додаде дека притисокот од членството е жесток, но ќе направат анкета во однос на тоа што ќе се случува понатаму и дали ќе има и генерален штрајк.
„Притисокот од членството е многу жесток. Дури ни и замерија зошто уште даваме шанса на ваков социјален дијалог. Нивното барање беше да постапиме исто како СОНК, да влеземе во еден генерален штрајк, а што ќе се случи понатаму ќе направиме анкета помеѓу членството. Знам дека ќе бидат уште порадикални, но ние ќе ги спроведеме нивните барања. Во суштина, ние сме први меѓу еднаквите и мора да го почитуваме ставот на членството“, рече претседателот на КСС.
Инаку, од КСС подолг период бараат усогласување на платите со минималецот за да нема ситуации во кои вработени на различни работни позиции и со различен степен на образование да земаат иста плата.
Минатата среда во Владата во рамки на Економско-социјалниот совет беше разговарано за ова прашање, но не се постигна конкретен договор по што КСС најави дека останува на ставот да се одржи предупредувачкиот протест.
Од Владата, пак, порачаа да продолжи социјалниот дијалог и доколку е потребно да се отворат колективните договори и да се види дали има можност за усогласување на платите. Минималната плата од овој месец изнесува 18 илјади денари.