Европска комисија: Пописот во Македонија е големо достигнување

Илустрација

Европската Комисија го поздрави пописот во Северна Македонија нарекувајќи го големо достигнување. По објавувањето на резултатите од пописот, портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, изјави дека Комисијата го поздравува пописот, спроведен првпат од 2002 година.

„Ова е големо достигнување: обновени податоци за населението се суштински за планирање и имплементирање на соодветни социјални, демографски и економски политики за бенефит на сите граѓани“, изјави Писонеро.

Попис во земјава беше спроведен по 20 години, откако започнатата операција во 2011 година беше прекината поради несогласувања меѓу тогашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу методологијата, односно за прашањето дали да се попишуваат и иселениците.

Вкупното попишано население во земјава изнесува 2 097 319 лица, од кои 1 836 713 живеат во државата. Нерезидентно население, односно луѓе кои повеќе од една година не живеат во земјава опфатени со пописот изнесува 260 606 лица.
Не се попишани на терен вкупно 132 260 луѓе за кои податоците се преземени од административни извори.