Од партијата Демократски сојуз оценуваат дека првичните резултати на објавените податоци од пописот не се одраз на фактичката состојба.
„Во дијаспората, проценките се дека само околу 10% од Македонците се попишани, додека во Македонија, од резидентното население, претежно Македонци, над 130.000 не се попишани. Овие бројки го наметнуваат заклучокот, дека пописот е неуспешен и за тоа треба да се бараат причините и одговорноста“, се вели во реакцијата на партијата.
Од партијата на Павле Трајанов предлагаат да се направат дополнителни вкрстувања и проверки на податоците, а за иселениците да се спроведе дополнителен попис.
„Има многу фактори кои влијаеа да не успее пописот: деструкцијата и повикот за бојкот на некои партии, лошите подготовки, методологијата за спроведување на пописот, партизацијата, слабата обука на попишувачите, отсуството на контрола и слично“, се вели во партиското соопштение.
Државниот завод за статистика денеска ги објави податоците од спроведениот попис во 2021 година. Директорот на институцијата Апостол Симовски соопшти дека вкупното резидентно население во земјава изнесува 1.836.713 лица, а нерезидентното население 260.606 лица.