Врховниот суд во Русија одби да ја слушне жалбата на затворениот опозиционер Навални

Алексеј Навални

Рускиот Врховен суд одби да ја слушне жалбата поднесена од опозицискиот политичар Алексеј Навални против судската одлука за замена на условната со затворска казна.

Врховниот суд одби да ја разгледа и другата жалба на Навални против неговото итно апсење, по враќањето во Русија од Германија во јануари минатата година.

Навални, кој што е критичар на претседателот Владимир Путин, и неговиот брат Олег беа осудени во октомври 2017-та година за кражба на околу 500.000 долари од две руски фирми, од кои едната била поврзана со француската козметичка компанија Ив Роше и за перење пари.

И двајцата беа осудени на 3 и пол години затвор, но казната на Навални беше условна.

Браќата ги отфрлија обвиненијата, велејќи дека случајот е политички мотивиран и обид да се одврати Навални од неговите опозициски активности.

Навални беше во кома и медицински евакуиран од градот Омск во Германија, откако беше отруен во јануари 2021 година. Тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин за нападот со отров со хемиска супстанца т.н. Новичок.

Кремљ негираше каква било улога во труењето, кое заедно со апсењето на Навални предизвика широка осуда и санкции од Западот.

Минатата недела, судот го осуди Навални на девет години затвор, откако го прогласи за виновен за обвиненијата за проневера и непочитување, кои Навални и неговите поддржувачи, исто така, ги отфрлија како политички мотивирани.