Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска ги објави податоците од спроведениот попис во 2021 година. Директорот на институцијата Апостол Симовски соопшти дека вкупното резидентно население во земјава изнесува 1.836.713 лица, а нерезидентното население 260.606 лица.
По две децении, откако последен пат беше одржан попис во 2002 година, официјално податоците покажуваат дека бројот на жители во земјава е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти.
Според објавените податоци, вкупното попишано население изнесува 2.097.319 лица, од кои 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, а 29,52 се Албанци. 3,98 се Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.
„Од вкупното резидентно население 58,44 се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.
Од нерезидентното население опфатено со пописот 24,45 се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци, истакна Симовски.
Пописот покажал дека бројот на домаќинства е 598.632. Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места. Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1.674.
Симовски рече дека пописот кој се одржа од 5 до 30 септември 2021 година бил успешно и професионално спроведен, а дека објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно по сетови на податоци.
Првиот сет денеска ќе ги опфати податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства.
Во наредните месеци ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата...
Попис во земјава беше спроведен по 20 години, откако започнатата операција во 2011 година беше прекината поради несогласувања меѓу тогашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу методологијата, односно за прашањето дали да се попишуваат и иселениците.