Едштадлер - Северна Македонија треба да добие доверлива перспектива во процесот на проширување

Австриската сојузна министерка за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер на прес-конференција во Скопје. 30.03.2022.

Aвстриската сојузна министерка за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер денеска во Скопје изјави дека Унијата ќе направи се што може за регионот и пред се Северна Македонија да добие доверлива перспектива во процесот на проширување. Таа рече дека е потребно Северна Македонија да го направи следниот чекор во процесот на проширување и дека не се доволни само зборови, а дека Австрија е тука да ја поддржи земјата.

„Но, само да говориме не е доволно. Треба акција, треба дела. Јас сум оптимист дека сега е вистинскиот момент да го поставиме курсот“, рече Едштадлер на денешна прес-конференција во Скопје со вицепремиерот за европски прташања Бојан Маричиќ.

Едштадлер рече дека на почетокот на февруари била во Бугарија и дека разговарала за односите на земјава со Бугарија, со што посочи дека има „многу добро чувство“ дека постоечките проблеми ќе бидат отстранети. Таа рече дека во воаа насока билатерално ќе се настапува посилно, а дека со тоа и процесот на проширување кон ЕУ ќе се отвори.

„За нас е обврска како ЕУ конечно да осознаеме дека Западниот Балкан е прашање на безбедноста на ЕУ и останува прашање на веродостојноста на ЕУ“, рече Едштадлер.

Преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија се блокирани од Бугарија уште од 2019 година и покрај тоа што земјата претходно го смени своето уставно име по долгогодишна блокада на процесот за членство во ЕУ од страна на Грција. На крајот на 2019 прво Франција не одобри почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, бидејќи бараше промена на методологијата за преговарање, а потоа следеше ветото на Бугарија со забелешки главно за историски прашања.

Маричиќ денеска рече дека Северна Македонија вложила вонсериски напори и успеала да покаже дека е доверлив партнер на ЕУ. Тој рече дека земјава нема да ја промени својата политика преку ноќ, дури и кога нејзиниот „макотрпен труд“ не бил целосно валоризиран и не одел во прилог на политиката на проширување.

„Напредувавме и ќе продолжиме посветено да чекориме по европскиот пат. Очекуваме ЕУ гласно да ги потврди нејзините интереси за обединување на европскиот континент и после долг период да ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан, кои повеќе од една деценија чекаат пред портите на ЕУ“, рече Маричиќ.

Во рамки на официјалната посета на Скопје, Едштадлер ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери и со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Планирана е средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.