Москва и Пекинг ја прошируваат соработката, на 1 април самит ЕУ-Кина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Русија и Кина на денешниот состанок на министрите за надворешни работи се договорија да ја прошират соработката во услови на „тешки меѓународни околности“, објави руското Министерство за надворешни работи, пренесе Интерфакс.

Соработката вклучува воспоставување на надворешна политичка координација и заеднички настап за глобалните прашања, наведува Интерфакс, пренесува Ројтерс.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска се сретна со неговиот рускиот колега Сергеј Лавров во источната кинеска провинција Анхуи.

Лавров пред два дена рече дека односите меѓу Русија и Кина се на најсилно ниво досега, во време кога западните земји се обидуваат со санкции да ја изолираат Москва поради војната во Украина.

Пекинг постојано изразува противење на санкциите, инсистирајќи дека ќе одржува нормална економска и трговска размена со Русија и одбива да ги осуди постапките на Москва во Украина.

Русија започна инвазија на соседна Украина на 24 февруари, а западните земји одговорија со остри санкции против Москва.

Кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Кечијанг на 1 април ќе се сретнат со лидерите на Европската унија, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

Ова е прва потврда на Кина дека оваа недела ќе се одржи самит Кина-ЕУ. Настанот неколку пати беше одложуван поради влошените односи.

Лидерите ќе се сретнат виртуелно, изјави портпаролот на Министерството Ванг Венбин на прес-конференција во Пекинг.