Вашингтон не гледа „знаци за вистинска сериозност“ на напорите на Русија за постигнување мир по започнувањето на инвазијата на Украина, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен. Украина и Русија одржаа нова рунда преговори на 29 март, за прв пат од 10 март. Украина предложи усвојување неутрален статус, а Русија соопшти дека ќе ја намали воената активност на север во близина на Киев, со цел да се создадат услови за евентуален договор. Блинкен рече дека останува на Украина да оцени дали има вистински напредок во преговорите, но додаде дека САД се фокусирани врз акциите на Русија, а не врз нејзините зборови.
Русија ги намалува воените активности околу Киев и Чернихив
„Она што Русија го прави е континуирана брутализација на Украина и нејзиниот народ, и тоа продолжува додека зборуваме“, им рече Блинкен на новинарите за време на посетата на Мароко, повикувајќи ја Москва да ја прекине својата агресија и да ги повлече своите сили. „Не видов ништо што укажува дека ова напредува на ефективен начин. Барем не видовме знаци на вистинска сериозност, но ако Украина заклучи дека постои, тоа е добро и ние го поддржуваме“, рече Блинкен. Русија ја нарекува својата мисија „специјална операција“ за разоружување и „денацификација“ на Украина. Западот вели дека започнал неиспровоцирана инвазија. Од почетокот на руската инвазија на Украина, повеќе од 4,5 милиони луѓе ја напуштија земјата во страв од војна.