Денеска ќе бидат објавени резултатите од пописот кој се спроведе од во септември минатата година, а во дијаспората се спроведуваше од април до септември лани. Првиот сет на податоци што ќе биде објавен денеска, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата и така натаму.
Симовски - Никој нема да биде изоставен по обработка на податоците од пописот
Според податоците што досега ги објави Заводот, во септември биле попишани 1.832.696 жители на земјава, 568.175 семејства и 837.255 станови. Оние кои од која било причина останале нерегистрирани, ќе се најдат во некоја од базите на податоци при обработката на податоците и ќе бидат дел од Пописот, прв во Македонија по речиси 20 години. Според последниот попис од 2002 година, Македонија имаше над 2 милиони жители. Пописот првично требаше да се одржи во април минатата година, но поради противењето на опозицијата беше одложен за во септември. Системот за попишување и веб страната на Државниот завод за статистика беа мета на хакерски напади за време на одржувањето на пописот. Во 2011 година имаше обид за попис, но тој прекина поради несогласувања меѓу тогашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу методологијата, односно за прашањето дали да се попишуваат и иселениците.