Западни лидери: На Русија треба да ѝ се суди според постапките, а не според зборовите

Киев, Украина

Лидерите на САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија предупредија Западот да не го спушта гардот, откако Москва сигнализираше дека ќе ги намали борбените активности во Киев и Чернигив во Украина.

„Тие се согласни дека не може да се намали западната одлучност додека не заврши ужасот нанесен на Украина“, соопштуваат од Кабинетот на британскиот премиер Борис Џонсон.

Најавата дека Русија ќе ја намали воената активност во областите околу Киев и Чернигив дојде по денешните разговори со Украина во Турција.

Од Кабинетот на Џонсон велат дека на Русија треба да ѝ се суди според постапките, а не според зборовите.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека нема да и верува на Русија во тоа што го зборува додека не види какви се нејзините постапки.

И портпаролот на Пентагон, Џон Кирби се сомнева во најавите на Русија. Тој вели дека Русија веројатно го променила својот фокус како резултат на неуспехот брзо да ја заземе украинската престолнина, што, како што вели, е клучна цел на руската операција.

Кирби вели дека иако „мал број“ на руски сили се оддалечуваат од Киев, Пентагон верува дека тоа е „репозиционирање“, а не повлекување.

„Ние не се залажуваме и никој не би требало да се залажува од тврдењето на Кремљ дека ќе ги намалат нападите во близина на Киев“, рече Кирби и додава дека тоа не значи оти завршила заканата за Киев.

„Русија се уште нанесува огромна бруталност на земјата, вклучително и на Киев, дури и денеска ги продолжува воздушните напади“, рече портпаролот на Пентагон.

И државниот секретар на САД, Ентони Блинкен вели дека постои разлика меѓу она што Русија го прави и што го кажува.

Францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, откако претходно телефонски разговараше со Бајден и со другите западни лидери.

Путин му рекол на Макрон дека украинските „националисти“ во опколениот украински град Мариупол мора да го остават оружјето, за да се реши тешката хуманитарна ситуација во овој град, се вели во соопштението на Кремљ.

Од Кабинетот на Макрон соопштуваат дека во оваа фаза не се исполнети условите за спроведување на хуманитарна операција за помош на граѓаните во опколениот украински пристанишен град.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски по мировните преговори во Истанбул, во видео снимка рече дека сигналите од преговорите може да се наречат позитивни, но дека овие сигнали не може да ги пригушат експлозиите на руските гранати.

Тој додава дека може да им се верува само на конкретни резултати од разговорите.

Русија претходно рече дека драстично ќе ја намали својата воена активност фокусирана на Киев и Чернигив, сигнализирајќи потенцијален голем напредок во мировните преговори.