Копретседавачот од македонска страна во заедничката македонско-бугарската Комисија, Драги Ѓоргиев денеска изјави дека мешовитата комисија за историски и образовни прашања ќе се состане в четврток и петок, а на дневен ред се забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение.
Тој за МИА вели дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, според него, ќе дојде до приближување на ставовите.
Во однос на прашањето за Гоце Делчев, кое се дискутира од аспект на заедничкото чествување, Ѓорѓиев вели дека тоа ќе се отвори на претстојните разговори доколу остане време.
Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера изјави дека од бугарскиот дел до Историската комисија добил известување оти е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите со Скопје и за надминување на разликите.
Комисијата која е формирана во 2018 година, согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година, речиси четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Делчев. Досега имаат препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.