Од утре (30 март) учениците од прво до деветто одделение на училиште ќе присуствуваат без маски, одлучи Владата постапувајќи по предлог на Комисијата на спречување заразни болести, соопшти Министерството за образование и наука.
Комисијата за заштита од заразни болести пред две недели препорача учениците во основните училишта да се ослободат од обврската за носење маски. Сепак обврската за носењето маски останува за наставниците и другите вработени, а децата по свој избор и понатаму ќе може да продолжат да носат маска.
Министерството за образование и наука апелира на доследно почитување на сите останати мерки за справување со пандемијата кои се на сила и на одговорно однесување не само во училиштата, туку и надвор од нив, со цел непречено продолжување на наставата со физичко присуство како опција која е од најдобар интерес за учениците
Од Комисијата велат дека во моментов земјава се наоѓа во зелена зона, но доколку дојде до повторно влошување на епидемиолошката состојба, може да се вратат на сила старите мерки и препораки.
Владата донесе и одлука да се започне настава со физичко присуство на факултетите.
Освен тоа се укинува и задолжителниот сертификат за вакцинираност за влез на терасите на угостителските објекти, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од ковид-19.
Владата да ја измени одлуката и за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор(кина, театри, филхармонија, семинари, обуки, конференции) од досегашните 50 проценти да се зголеми на 75 отсто со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од ковид-19.
Се укинува и обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори.
Од Владата соопштија дека е прифатено барањето на Министерството за внатрешни работи, полицијата и армијата да продолжи со обезбедувањето на ковид центрите и вакциналните пунктови, а да престане надворешното физичко обезбедување на одделни ковид капацитети во Скопје и другите градови на државата.
Ковид статистиката за изминатото деноноќие покажува дека се пријавено 310 заразени и вкупно шест починати. Бројот на активни случаи изнесува 1.782.