Украинскиот претседател Володимир Зеленски руските напади на опколениот пристаништен град Мариупол ги нарече „злосторство против човештвото“.
Зеленски денеска во обраќањето пред Парламентот на Данска рече дека она што руските трупи го прават во Мариупол е злосторство против човештвото и тоа се случува пред очите на целата планета.
Зеленски досега имаше виртуелни обраќања до американскиот Конгрес, како и до парламентите на земји членки на ЕУ, Британија, Канада, Израел.
Мариупол е цел на руските напади од почетокот на инвазијата, а ситуацијата во градот во кој до нападите живееја околу 400 илјади луѓе е опишана како „апокалиптична“.
Потпретседателката на украинската влада Ирина Верешчук денеска изјави дека Русија се согласила да отвори три хуманитарни коридори, од кои еден од Мариупол, за да може цивилите да побегнат од воената зона.