Четири европски земји - Холандија, Белгија, Ирска и Чешка, денеска објавија дека протеруваат руски дипломати поради наводна шпионажа.
Холандија најави протерување на 17 руски дипломати за кои холандското Министерство за надворешни работи вели дека дејствувале како разузнавачи. Белгија протерала 21 руски дипломат, Ирска побарала четворица да си заминат, а Чешка еден.
Холандското министерство во соопштението наведе дека рускиот амбасадор бил повикан во Министерството за надворешни работи и информиран за протерувањето.
„Причината е тоа што има информации кои покажуваат дека засегнатите лица, акредитирани како дипломати, се тајно активни како разузнавачи“, се вели во соопштението.
Дипломатите мора да ја напуштат Холандија во рок од две недели, рече холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра, јавува холандскиот државен медиум НОС њуз.
Вкупно 75 руски дипломати се акредитирани во Холандија, така што по претерувањето на 17 дипломати во земјата ќе останат уште 58. Хоекстра очекува дека Русија ќе протера и холандски дипломати како одговор.
Министерството за надворешни работи на Ирска соопшти дека го повикало рускиот амбасадор за да го информира дека четворица високи функционери биле замолени да си заминат.
„Тоа е затоа што нивните активности не беа во согласност со меѓународните стандарди на дипломатско однесување“, се вели во соопштението на Министерството објавено на Твитер.
Во соопштението се вели дека ирската влада „продолжува да верува дека дипломатските канали меѓу Ирска и Руската Федерација треба да останат отворени“.
Белгиската влада соопшти дека руските дипломати што ги протерува учествувале во активности поврзани со шпионажа или незаконско влијание.
На 21 дипломат им се дадени две недели да ја напуштат земјата.
Чешкото Министерство за надворешни работи на Твитер објави дека ја информирало руската амбасада дека еден од вработените во нивната амбасада е прогласен за персона нон грата и од него се бара да си замине во рок од 72 часа.
„Заедно со нашите сојузници го намалуваме присуството на руското разузнавање во ЕУ“, соопшти чешкото Министерство.