СОНК во Влада на преговори за платите

Архивска фотографија - Претседателот на СОНК Јаким Неделков

Во обид да се договори зголемување на платите во образованието, односно да се направи усогласување со минималната плата, попладнево претставници на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) се на преговори во Владата. Тие зборуваат за платите во дејностите образование и детска заштита.

Претседателот Јаким Неделков на Фејсбук-страницата на СОНК објави дека на преговори се од 15 часот на покана на премиерот Димитар Ковачевски.

Членството од регионите на Синдикатот се изјасни за генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања. СОНК бара усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

СОНК бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.