Москва е подготвена ако Европа престане да купува руски енергенси

илустрација

Русија е подготвена за можноста Европа да престане да купува руски енергетски резерви, изјави денеска претседателката на Горниот дом на рускиот парламент Валентина Матвиенко. Таа истакна дека доколку Европа одбие да купи руска енергија, Москва би можела, меѓу другото, да ги пренасочи испораките на азиските пазари, пренесува руската новинска агенција ТАСС.

Русија побара од „непријателските земји“ да плаќаат гас во рубљи, откако Западот воведе економски санкции кон Москва поради војната во Украина.

Сепак, земјите од Г7 го одбија барањето, а на состанокот на лидерите на Европската унија на 25 март немаше заеднички став по ова прашање.

Роберт Хабек пред новинарите рече дека „сите министри на Г-7 целосно се согласиле дека тоа ќе биде еднострано и јасно прекршување на постоечките договори“, пренесе АП.

Хабек рече дека „плаќањето во рубли не е прифатливо“ и дека ќе апелираат до компаниите да не го следат барањето на рускиот претседател Владимир Путин.

Минатата недела Путин најави дека Русија ќе бара од „непријателските“ земји за природен гас да плаќаат само во руска валута. Тој и нареди на централната банка на земјата да развие процедура за купувачите на природен гас да купуваат рубљи во Русија.