Британската полиција ќе казни 20 лица за забавите на премиерот Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон

Британската полиција објави дека 20 лица ќе бидат казнети за забавите организирани од премиерот Борис Џонсон и неговиот персонал за време на карантинот поради коронавирусот и дека повеќе луѓе може да се соочат со парични казни.

Полицијата соопшти дека нема да ги идентификува осудените, иако канцеларијата на Џонсон соопшти дека ќе објави кој ги добил казните, доколку ги добијат.

Полицијата соопшти дека полициските службеници работеле на „обемен истражен материјал“ и дека и подоцна луѓето може да се соочат со казни.

Противниците на британскиот премиер и некои членови на владејачката Конзервативна партија рекоа дека Џонсон треба да поднесе оставка доколку биде казнет за кршење на правилата што ги наметна на остатокот од земјата за време на пандемијата.

Владата на Џонсон предизвика гнев во јавноста поради откритието дека нејзиниот персонал организирал забави и други неформални настани додека на милиони Британци им беше забрането да се состануваат со пријателите и семејството поради рестриктивните мерки наметнати од владата за борба против ширењето на коронавирусот.

Џонсон ги негираше обвинувањата, но наводно бил на неколку од десетиците настани во неговата резиденција на Даунинг стрит и други владини згради кои ги истражува полицијата.

Тој призна дека присуствувал на забава во градината на Даунинг Стрит во мај 2020 година за време на првото затворање, но инсистираше дека станувало збор за работен настан.