Зградата на регионалната влада во Миколаев беше погодена од проектил во вторникот наутро, изјави гувернерот на тој град Виталиј Ким за агенцијата Франс прес (Франс прес).
Тој нагласи дека повеќето од луѓето во зградата избегале, но дека се уште се трага по неколку цивили и војници.
Сликите објавени на Телеграм на официјалниот канал на гувернерот покажаа висока административна зграда со откорнат голем дел и урнатини натрупани во основата на зградата.
„Осум цивили се уште се под урнатините. Се надеваме дека ќе успееме да ги извлечеме. Бараме и тројца војници“, рече тој.
Инаку руските напади врз Миколаев, кои беа под силен напад со недели се намалија неодамна. Миколаев е пристанишен град во јужна Украина и истиот е нападнат со недели.
Британските разузнавачки служби пак денеска соопштија дека и Киев е се уште под закана од руските сили.
Руските сили продолжуваат да претставуваат сериозна закана за Киев преку нивната ударна способност, иако Украинците продолжуваат да изведуваат локализирани контра напади на северозапад од главниот град на Украина, соопшти денеска британското воено разузнавање.
„Руските сили ја задржаа офанзивата на Мариупол со континуирано силно гранатирање на опколениот пристанишен град. Сепак, центарот на градот останува под украинска контрола“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Оттаму додаваат дека на други места, руските сили ги задржуваат блокирачките позиции додека се обидуваат да ги реорганизираат и ресетираат своите сили.