Дополнителната девизна ликвидност од 400 милиони евра ќе ѝ биде на располагање на Народната банка преку репо-линијата на Европската централна банка (ЕЦБ) уште речиси една година.
„ЕЦБ донесе одлука со која се продолжува можноста за Народната банка за користење на репо-линијата до 15 јануари 2023 година. Репо-линијата е само уште еден заштитен слој, имајќи го предвид високото ниво на девизни резерви и високата ликвидност на банките, коишто ја гарантираат стабилноста на денарот и макрофинансиската стабилност,“ соопшти денеска Народната банка.
- Триесет години од воведувањето на денарот, Народна банка и натаму го чува стабилен
- Народна банка во засилени контроли нa менувачниците
Народната банка доби можност да ja користи репо-линијата во 2020 година, на почетокот на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19. ЕЦБ им дозволи пристап до ваков инструмент на централни банки надвор од еврозоната, со цел да се ублажат негативните ефекти од пандемијата предизвикана од корона-вирусот. Минатата година беше продолжена можноста за користење на репо-линијата заклучно со март годинава, а сега таа можност е продолжена за уште речиси една година.
Од Народната банка информираат дека и покрај кризниот период во изминатите две години, немало потреба да се користи овој инструмент.