Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше билатерална средба со неговиот бугарски колега Кирил Петков, на маргините на состанокот на премиерите на земјите членки на НАТО во Југоисточна Европа.
Двајцата премиери се согласиле и натаму да ја задржат високо изразената политичка волја на двете страни и за „фокусирано исполнување на сите одредници што ги поставија Скопје и Софија за унапредување на меѓусебните односи“, соопши владината прес-служба.
Во соопштението се вели дека на средбата уште еднаш бил потврден заедничкиот координативен пристап во менаџирањето на ризиците од војната во Украина, со приоритеи во соработката за справување со бегалската криза, кризата во снабдувањето со енергенси и со основните прехранбени производи.
Двајцата премиери на средбата изразиле задоволство од резултатите од работните групи договорени на заедничката седница на двете влади во Софија, а било оценето дека досега потпишаните договори и меморандуми за соработка укажуваат на сериозен напредок во дијалогот на двете земји.
Инаку, денеска лидерите на земјите членки на НАТО од ЈИЕ на средбата во Софија разговараа за енергетската криза, проблемите во снабдувањето со храна, како последица на војната во Украина и како да дејствуваат во иднина. Тие се осврнаа и на спорот меѓу Бугарија и С. Македонија.