Г-7 го отфрли барањето на Русија гасот да го плаќа во рубљи

Илустративна фотографија - долари и рубљи.

Група седум големи економии (Г-7) се согласи да го отфрли барањето на Москва да го плаќа увозот на енергија од Русија во рубљи, изјави германскиот министер за енергетика.

Роберт Хабек пред новинарите рече дека „сите министри на Г-7 целосно се согласиле дека тоа ќе биде еднострано и јасно прекршување на постоечките договори“, пренесе АП.

Хабек рече дека „плаќањето во рубли не е прифатливо“ и дека ќе апелираат до компаниите да не го следат барањето на рускиот претседател Владимир Путин.

Минатата недела Путин најави дека Русија ќе бара од „непријателските“ земји за природен гас да плаќаат само во руска валута. Тој и нареди на централната банка на земјата да развие процедура за купувачите на природен гас да купуваат рубљи во Русија.

Економистите веруваат дека овој потег е смислен во обид да се поддржи рубљата, која падна во однос на другите валути откако Путин ја нападна Украина на 24 февруари, а западните земји одговорија со санкции против Москва. Но, некои аналитичари изразија сомневање дека тоа ќе функционира, пишува АП.