Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска изјави дека досега не е донесена одлука за испраќање на припадници на нашата Армија на територија на источниот блок на НАТО. Доколку биде донесена таква одлука, вели Петровска, јавноста ќе биде информирана.
„Република Северна Македонија, која е членка на НАТО, е подготвена да го сподели товарот со останатите, но до овој момент немаме донесено конкретна одлука за тоа. Доколку донесеме, јавноста ќе биде информирана“, изјави Петровска по одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Армијата.
Таа додаде дека македонската Армија има исклучително обучени и релативно добро опремени припадници, кои, доколку евентуално бидат испратени во ваков тип на мисија, ќе бидат распоредени на соодветни места согласно стратегиите и развојните планови на НАТО.
На вонредниот самит на НАТО во Брисел на 24 март, лидерите на земјите членки на НАТО се договорија да го зајакнат присуството на Алијансата на источното крило на територијата. Договорено беше да се формираат четири дополнителни борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.