Кремљ – Работиме на модели за плаќање на гасот во рубљи, нема да го даваме бесплатно

Илустрација

Кремљ соопшти дека Русија разработува методи за плаќање на рускиот гас во рубљи и дека во догледно време ќе донесе одлука ако европските земји одбиваат да го плаќаат гасот во руска валута.

Лидерите на ЕУ на 25 март не успеаја да договорат краткорочно решение за кризата на енергетските пазари, дополнително влошена од рускиот напад врз Украина. Немаше заеднички став за барањето на Русија од минатата недела „непријателските“ земји да мора да го плаќаат гасот во рубљи, наведува Ројтерс.

„Нема да го испорачуваме гасот бесплатно, тоа е јасно“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Руската централна банка, владата и Газпром, кој обезбедува 40 отсто од европскиот увоз на гас, треба до крајот на месецов да ги изнесат своите предлози за плаќање на гасот во рубљи до претседателот Владимир Путин.

Рускиот претседател на 23 март најави дека Русија ќе им испорачува гас на „непријателските земји“, меѓу кои САД, земјите од ЕУ и НАТО, како и други кои воведоа санкции против Русија, но тие ќе мора да го платат во рубљи.