Украина вели дека денеска не гледа коридори за евакуација, обвинува за руски провокации

Жителка на Мариупол пред разурната зграда

Украинската вицепремиерката Ирина Верешчук изјави дека нема планови за отворање на хуманитарни коридори од опколените градови поради можни „провокации“ од Русија.

„Нашето разузнавање извести за можни провокации од окупаторите на рутите на хуманитарните коридори. Затоа, поради јавната безбедност, денеска не ги отвораме хуманитарните коридори“, напиша таа денеска на Телеграм, без да даде дополнителни детали.

Повеќе од четири недели по почетокот на неиспровоцираната инвазија врз Украина, Русија не успеа да заземе ниеден голем украински град, но го прекина снабдувањето и рутите за бегство.

Се чини дека најлоша е ситуацијата во јужниот пристаништен град Мариупол, каде што десетици илјади луѓе се на работ на „хуманитарна катастрофа“, според градоначалникот Вадим Бојченко.

Мариупол, кој пред војната имаше 400 илјади жители, е претворен во урнатини, со илјадници мртви цивили, додека оние што останаа заробени во градот се останати без комунални услуги и со малку храна.

Повеќето претходни договори за хуманитарни коридори пропаднаа, а секоја страна ја обвинува спротивната за тоа.