Пожари избувнаа во зоната на нуклеарната централа Чернобил, која беше окупирана од руските сили, соопштија доцна синоќа украинските власти. „Во зоната избувнаа големи пожари, кои можат да имаат многу сериозни последици“, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешук, додавајќи дека моментално е невозможно пожарот да се локализира и да се изгасне бидејќи зоната е во рацете на руските сили.
Киев- Русија го окупира градот во близина на Чернобил
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во неделата соопшти дека безбедносната ситуација во украинските нуклеарни централи останува непроменета. Во минатата недела агенцијата на ОН процени дека шумските пожари околу Чернобил не претставуваат голем ризик за радијација. МААЕ престана да добива податоци од Чернобил на 9 март. Нуклеарната централа беше окупирана од руската армија на 24 февруари, првиот ден од инвазијата на Украина. Во 1986 година, голема нуклеарна несреќа се случи во Чернобил, околу 80 километри северно од Киев.