Генералот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов смета дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да создаде „Северна и Јужна Кореја во Украина“ со неиспровоцирната инвазија која се одвива веќе еден месец.
Тој денеска изјави дека очекува засилување на украинска „герила кампања“ против руската окупација и предупреди дека Русија се надева оти ќе ја подели Украина како што Корејскиот Полуостров беше поделен по Втората Светска војна. Тој додаде дека Украина ќе ги одбие руските сили, кои влегоа во неговата земја по наредбата за инвазија на рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари.
Коментарите на Буданов дојдоа неколку дена откако украинските сили објавија дека повторно заземале територија во контраофанзиви, додека рускиот напредок е закочен во некои делови од земјата.
Украинските вооружени сили, силите за цивилна одбрана и доброволците пружија силен отпор против руските сили, делумно со помош добиена во воена опрема но без интервенција на НАТО или зона на забранети летови и покрај молбите од Киев.
„Сезоната на целосно украинско герилско сафари наскоро ќе започне. Тогаш ќе остане едно релевантно сценарио за Русите: како да преживеат,“ изјави Буданов, јавува новинската агенција Ројтерс.
Украина стравува од нова посилна руска офанзива
Русија го нападна и анектираше Крим од Украина во 2014 година, кога сепаратистите поддржани од Русија на други места во источна Украина презедоа контрола врз големи делови од територијата во регионите Луганск и Доњецк.
Неколку дена пред започнувањето на сеопфатната војна минатиот месец, Путин го објави признавањето на тврдењата на тие сепаратисти за независност од Украина - пркосејќи му на ставот на ОН дека таканаречените Донбас и Крим се украинска територија.
Лидерот на сепаратистите во Луганск на 27 март изјави дека регионот наскоро може да организира референдум за приклучување кон Русија, потег што ќе потсетува на референдум на истата тема откако Русија го окупираше Крим во март 2014 година.