Македонија одбележува две години членство во НАТО

Северна Македонија пред две години стана триесетта земја-членка на НАТО. Во вонредни околности, кога светот се соочуваше со ковид пандемијата, в.д. амбасадорот на земјава во САД Вилма Петковска во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратифакиција од Преспанскиот протокол за членство на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер.

„Република Северна Македонија две години членка на НАТО. Денешниот датум е во редот на најважните од независноста на државата, ден кога ја заокруживме стратешката цел – членство во најмоќниот воено политички сојуз. Заедно сме посилни“, напиша на социјалната мрежа министерката за одбрана Славјанка Петровска.

По повод две години од членството на НАТО, зградата на МНР синоќа беше осветлена во боите на Алијансата.

Историски успех за Северна Македонија и силна гаранција за нашата безбедност, стабилност и просперитет, напиша утрово министерот за надворешни работи Бујар Османи по повод две години од членство на земјава во НАТО.

„Денес одбележуваме две години од членството на Северна Македонија во НАТО, наше најголемо надворешно – политичко достигнување и најзначајна политичка верификација на нашата државност. Нашето знаме се вее заедно со другите 29 знамиња на НАТО – сојузниците, сведочејќи за единството и солидарноста меѓу партнерските земји во овие времиња на безбедносни предизвици со кои се соочуваме“ напиша на својот официјален профил на Фејсбук министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој додаде дека со членството земјата стана посилно интегрирана во евро-атлантската заедница, како сојузници со најголемите и најсилни држави.

Министерот во објавата ја споменува и руската инвазија на Украина порачувајќи дека со нашите НАТО партнери сме обединети и одлучни заеднички да одговориме на актуелните безбедносни предизвици предизвикани од ситуацијата, како и да го дадеме придонес за зачувување на светскиот мир и стабилност.

„Да се биде дел од трансатлантското семејство, особено во овие времиња на геополитичка нестабилност, е значајно постигнување и цврста гаранција за нашата безбедност и просперитет. Северна Македонија е на заедничка маса со најразвиените демократии во светот и е активен чинител во глобалните безбедносни политики“, вели Османи.