Американскиот претседател Џо Бајден во својот говор за војната во Украина во Варшава изјави дека конфликтот е јасен тест за демократиите ширум светот и го прикажа украинскиот отпор против руските сили како дел од „големата битка за слобода“.
Говорејќи во Кралскиот замок во Варшава, Бајден денеска рече дека светот мора да се подготви за „долга борба“ и рече дека сите земји што ја сакаат слободата мора да се заложат за заштита на демократијата на долги патеки.
„Нема да биде лесно. Ќе има трошоци“, изјави Бајден.
Тој посочи дека денешните борби во Киев, Харкив и Мариупол се последните битки во долга борба.
„Битката за демократијата не заврши со крајот на Студената војна. Украинците се борат за спас на својата нација и мора да бидеме свесни дека таа битка нема да заврши за неколку дена или месеци. Треба да се подготвиме за долга борба. Мојата порака до украинскиот народ е: ние сме со вас“, изјави Бајден.
Бајден: Слободниот свет се противи на руската инвазија врз Украина
Американскиот претседател прв пат во својот говор повика рускиот претседател Владимир Путин да биде сменет од функција.
„Побогу, овој човек не може да остане на власт“, рече Бајден, завршувајќи го својот говор.
Бајден, исто така, повтори дека руската инвазија послужи само за зајакнување на НАТО и за ревитализација на светските демократии и рече дека кристално јасно покажа дека Европа мора да ја прекине својата зависност од руските фосилни горива.
Бајден директно му се обрати и на рускиот народ, велејќи дека Путин ги отсекол од остатокот од светот и дека тие не се непријатели.