Османи- Напредок со Бугарија има, но сè уште сме далеку од надминување на разликите

Архивска фотографија од бугарскиот премиер Кирил Петков и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи

Има одредено приближување на ставовите со Бугарија, но, не до позиција да се каже дека е најден заеднички јазик за надминување на разликите. Ова го изјави македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес конференција.

Тој посочува дека засега е битно да се изнајде решение од кое подеднакво ќе бидат и задоволни и незадоволни двете страни за да може да се продолжи со процесот на интеграција на земјава во ЕУ. Тој додава дека сега тоа е од исклучителна важност особено во контекст на новите геополитички случувања и конфликтот меѓу Русија и Украина.

Борел во Скопје со добра волја, но без датум

Османи истакна дека на последната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков разговарал за политичкиот процес, и за сите детали на прашањето, за сите негови апекти. Повтори дека македонската позиција се движи во рамки на Резолуцијата усвоена во македонското Собрание. Таму, нагласува Османи, јасно се исцртани контурите односно линиите низ кои можеме да се движиме.

„Разговараме по однос на истите прашања за кои зборуваме веќе година и повеќе во однос на имплементацијата на договорот за добрососедство од 2017, пакетот на прашања , политички прашања тогаш наречени 5+1, кои сега се во еден политички пакет, се разгледуваат со цел да се постигне како што најавувам еден сеопфатен договор односно сеопфатен протокол којшто треба да биде усовен од страна на меѓувладината комисија како инструмент на член 12 од Договорот, а потоа да биде одобрен од страна на двете влади. Значи нема некоја точка која што е различна од прашањата кои досега сме ги претставиле пред вас во рамки на тогаш пакетот 5+1 или пак сега како го нарекуваме политичкиот пакет прашања“ одговори на новинарско прашање Османи.

Тој додаде дека пред да се постигне прифатливо решение за кое би си подал рака со бугарскиот колега за тоа ќе биде информирана јавноста и како што вели, ќе бидат прашани пратениците „дали тие имаат забелешки по однос на тоа решение и потоа да почнеме да ги имплементираме сите тие чекори“. Тој последната средба со бугарскиот премиер Петков ја оцени како позитивна и конструктивна.

Почнувањето на прегорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ, е блокирано од октомври 2019 кога Скопје и Тирана не добија датум за почеток, по одлуката која ја донесе Унијата по барање на некои земји членки, како Франција, за да се преиспита тогашниот процес на проширувањето и да биде воведена нова методологија.

Оттогаш, и по усвојувањето на новата методологија, стартот на преговорите го блокира Бугарија, иако двете Скопје и Софија во 2017 година го потпишаа Договорот за добрососедство.