Македонија и земјите од Западен Балкан ќе бидат вклучени во Платформата за заедничко купување течен гас (LNG) и хидроген што вчера го договорија ЕУ и Соединетите Американски Држави. Владината прес служба соопшти дека ова е резултат на политиката на солидарност во овие времиња на предизвици во кое заедничката стратегија дава резултати, се вели меѓу другото во заклучоците на Европскиот Совет.
„Благодарение на оваа стратегија за справување со последиците од војната и енергетската криза Северна Македонија станува дел од оваа платформа на ЕУ за заедничко купување течен природен гас од САД за да се ослободиме делумно од зависноста од рускиот гас,“ се вели во соопштението.
Советот на ЕУ во Брисел ги донесе вчера овие заклучоци по состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден, каде уште еднаш воената агресија на Русија на Украина е оценета како грубо кршење на меѓународното право која што предизвика огромен број цивилни жртви и масовна хуманитарна бегалска криза.
Ќе се интензивира македонско-бугарската соработка во снабдувањето со природен гас
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес конференција изјави дека македонското приклучување во овој договор ќе значи дека колку што земјава ќе има потреби за гас и нафта Европската комисија ќе набавува во наше име.
„Ако се сеќавате кога ЕК вака набавуваше вакцини за земјите членки, ние не бевме вклучени во таа колективна набавка на вакцини на почетокот. Сега ЕУ се поставува така како што треба и ние сме рамноправно вклучени, така што мислам кај нас тоа ќе влијае во намалената зависност“, рече Османи на денешниот редовен брифинг со медиумите.
Османи додаде дека на ваков начин земјава ќе набави гас по поефтина цена. затоа што ,како што вели, кога се купува поголеми количини се разбира и цената е пониска.
Меѓу заклучоците за заедничките политики на ЕУ и САД како одговор на неиспровоцираната воена агресија врз Украина, кои се однесуваат на помошта за Украина и за соодветно прифаќање на бегалците и менаџирање на хуманитарната криза, донесени се и повеќе заклучоци кои се однесуваат на справување со последиците од економската криза со посебен акцент на енергенсите.
За таа цел договорени се повеќе политики и мерки кои се однесуваат на обезбедување алтернативни извори на енергенси, пред сѐ на гас од САД и за стабилизирање на глобалниот енергетски пазар додека трае војната во Украина.