САД бараат нови санкции против Северна Кореја

Соединетите Држави ќе го поттикнат Советот за безбедност на ОН да ги „ажурира и зајакне“ меѓународните санкции кон Северна Кореја по нејзиното пробно лансирање на, како што рече Северна Кореја, нова интерконтинентална балистичка ракета.

Ова вчера го изјави амбасадорката на САД во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд за време на состанокот на 15-члениот совет на кој се разговараше за последното лансирање ракета од страна на Пјонгјанг.

Томас-Гринфилд не даде никакви детали за планираниот предлог на САД за зајакнување на санкциите на ОН, кои имаат за цел да го прекинат финансирањето на забранетите програми на Пјонгјанг.

САД ги повикаа Кина и Русија да испратат силна порака до Северна Кореја

Нуклеарните тестови и лансирањето балистички ракети од страна на Северна Кореја веќе долго време се забранети од Советот за безбедност, а Пјонгјанг е подложен на санкции на ОН од 2006 година.

„Сега не е време да ги прекинеме нашите санкции, сега е време да ги спроведеме. Понудата за олеснување на санкциите, без суштински дипломатски напредок, само ќе доведе до повеќе приходи на режимот и ќе ја забрза реализацијата на неговите цели за ОМУ (оружје за масовно уништување) и балистичко оружје“, изјави таа на состанокот.

Кина и Русија се залагаат за ублажување на санкциите на ОН за да се подобри хуманитарната ситуација во Северна Кореја и да се охрабри Пјонгјанг да се врати на преговорите за денуклеаризација со Соединетите Држави и другите.

„Ниту една страна не треба да преземе ништо што би довело до поголеми тензии“, рече кинескиот амбасадор во ОН Џанг Џун на состаникот.

Тој додаде дека треба да се отвори патот за обновување на дијалогот.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун рече дека тестот бил дизајниран да ја покаже моќта на нејзината нуклеарна сила и да ги одврати какви било воени потези на САД.

Податоците за летот покажаа дека ракетата летала повисоко и подолго од било која од претходните тестирања на Северна Кореја пред да се урне во морето западно од Јапонија. Соединетите Држави, Јапонија и Јужна Кореја го осудија лансирањето на ICBM.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, им рече на новинарите кои патуваа со претседателот Џо Бајден во Полска дека Северна Кореја најверојатно ќе лансира повеќе проектили.

„Го гледаме ова како дел од моделот на тестирање и провокација од Северна Кореја. Сметаме дека веројатно ќе има уште повеќе“, изјави тој.