Дизелот од полноќ поскапува за уште 2 денари по литар

Илустративна фотографија

Од полноќ дизелот поскапува за два денара по литар, а цените на останатите горива остануваат исти, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Со ова поскапување, новата малопродажна цена на дизелот ќе изнесува 86 денари за литар, додека бензините ЕУРОСУПЕР 95 и ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе продолжат да се продава за 82, односно 84 денари.

Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) останува 81 денар за литар, но за еден денар се зголемува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 56,207 денари за килограм.

Како причина за новите малопродажни цени од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар во просек за 1,322 отсто кај бензините и за 3,21 отсто кај дизелот, како и за 0,016 отсто повисокиот курс на денарот во однос на доларот.

По намалувањето на цената на дизелот пред две недели, цената на дизелот повторно почна да расте. Со последната одлука на РКЕ, од почетокот на неделава дизелот поскапе за уште десетина денари по литар.

Како што најавија неодамна од Регулаторна, сега секојдневно се следат берзанските движења и на дневно ниво се прават анализи кои се рефлектираат во крајната цена. Претходно корекцијата на цените на горивата се правеше на неделно ниво.

Поради растот на цените на светските пазари цените на енергенсите почнаа да растат кон крајот на минатата година, а по руската инвазија на Украина тие дополнително се зголемија бележејќи рекорди. Со измени на законите со кои се намалува ДДВ-то, маржите и царинските давачки за горивата, цените од пред две недели почнаа да се намалуваат за по некој денар.