Уредничката што ги прекина руските вести е обвинета за „дискредитирање“ на армијата

Марина Овсијаникова

Уредничката на вести на руската телевизија, која протестираше против руската инвазија на Украина со прекинување на директниот пренос на вестите на руската државна телевизија, е обвинета за „дискредитација“ на вооружените сили.

Московскиот окружен суд денеска соопшти дека ќе го испита случајот против Марина Овсијаникова на 14 април, додавајќи дека таа може да се соочи со парична казна до 50.000 рубли (повеќе од 500 долари) доколку биде прогласена за виновна.

Овсијаникова надејно се појави на 14 март зад водителот на информативната програма на рускиот Канал 1, држејќи плакат на кој имаше пораки меѓу кои „Не за војна“ на англиски, и „Запрете ја војната. Не верувајте во пропагандата. Ве лажат“ на руски јазик. Таа можеше да се види и чуе неколку секунди пред каналот да се префрли на друг прилог.

Овсијаникова би можела да се соочи со посериозни последици бидејќи со новиот закон кој беше усвоен и спроведен на почетокот на март, дистрибуцијата на „лажни информации за руските вооружени сили“ се казнува и со затворска казна до 15 години.

На 14 март, судот ја прогласи Овсијаникова за виновна за обид да организира неодобрен протест и ја казни со 30.000 рубли (повеќе од 300 долари).

Таа парична казна не беше поради нејзината протестна акција во телевизиското студио, туку поради видео изјавата што ја снимила на интернет пред да влезе во студиото со плакатот. Во неа Овсијаникова ја осудува руската инвазија на Украина и ги повика руските граѓани да организираат протести против тековната војна.

Државната телевизија е главниот извор на вести за многу милиони Руси и внимателно го следи наративот на Кремљ дека Русија била принудена да дејствува за да ја демилитаризира и „денацифицира“ Украина и да ги брани од „геноцид“ луѓето што таму го зборуваат рускиот јазик.

Украина и повеќето земји ја осудија руската инвазија на една демократска земја и рекоа дека нејзините изговори се лажни поради што воведоа силни санкции како одговор кон Русија.