Снабдувањето со природен гас беше во фокусот на разговорите на Македонско-бугарската работна група за инфраструктура, транспорт и енергетика, во чии рамки денеска состанок имаа македонскиот министер за економија, Крешник Бектеши и бугарскиот министер за енергетика, Александар Николов.
Како што соопштија на прес-конференција, на состанокот било договорено „Булгартранс гас“ да разговара за обезбедување дополнителни количини природен гас, но и да се разгледа можноста за резервирање капацитети за Северна Македонија во складиштата кои се на територијата на Бугарија. За таа цел на 6-ти или 7 април треба да се одржи состанок меѓу националните енергетски компании од двете земји за да се утврдат деталите и да се забрза процесот.
Бугарскиот министерот Николов не откри дали Бугарија ќе го продолжи договорот за набавка на природен гас со „Гаспром“ кој истекува на крајот на годинава, а од кој зависи и снабдувањето на природен гас во земјава. Сепак гарантираше дека Северна Македонија ќе биде снабдена со овој енергенс.
Пораката на Николов е дека мора да се размислува за алтернативни начини кои ќе овозможат снабдување со природен гас, за да се минимизира зависноста од Русија.
Како долгорочно решение за набавка на гас во земјава, на денешниот состанок било разговарано и за продолжување на интерконекторот Петрич – Струмица до ТЕЦ Неготино преку ревидирање на постоечката студија. Според Бектеши, уште едно долгорочно решение е и нашето учество во терминалот во Александропулос. Тој рече дека било разговарано за забрзување на проектите имајќи ја предвид енергетската криза и истакна дека е важно да се поттикне соработката во делот на Коридорот 8 и во енергетскиот сектор.
„За интерконекторот Петрич – Струмица се договоривме да се ревидира студијата зашто претходната предвидела да имаме до Штип маркет тест, но тоа ќе го направиме до ТЕЦ Неготино зашто преку ЕСМ се преземени соодветни мерки за да имаме дополнителен капацитет за производство на електрична енергија од природен гас. Тој интерконектор во иднина би можел да биде снабдувач на тој капацитет кој најверојатно ќе биде голем“, рече Бектеши.
Македонија нема сопствени наоѓалишта на природен гас и целокупното количество на природен гас се увезува од Русија преку гасоводниот систем на Бугарија. Владиниот план е изградба на нов крак кон Грција, за достапен да стане и азербејџанскиот гас преку поврзување со Трансјадранскиот гасовод – ТАП.