Русија јавува за 1.351 руски војници загинати во Украина, многу под западните проценки

Уништен руски тенк во руската инвазија на Украина, на линијата на фронтот во реонот на Киев, 20 март 2022 година

Русија вели дека 1.351 нејзин војник загинале во борбите во Украина, што е првото известување за жртвите што Москва го даде по повеќе од три недели и бројка која е далеку под западните разузнавачки и украинските проценки.

Високи воени претставници денеска во Москва изјавија дека 3.850 руски војници биле повредени во борбите, кои започнаа на 24 февруари кога Русија го започна својот неиспровоциран напад врз Украина.

Руските власти последен пат дадоа проценка за загинатите војници во борбите на 2 март, кога соопштија дека загинале 498 војници.

Последната бројка од Русија е значително различна од проценките на другите.

Официјален претставник на НАТО вчера за агенцијата АП посочи дека бројот на загинати во Русија е веројатно меѓу 7.000 и 14.000, иако бројките од двете страни не можат независно да се потврдат.

Оваа бројка се споредува со извештајот на Њујорк Тајмс од 16 март во кој се цитирани официјални лица кои велат дека проценките на американското разузнавање покажуваат дека бројот на загинати руски војници е околу 7.000.

Генералштабот на вооружените сили на Украина пак завчера преку Твитер објави дека повеќе од 15.000 руски војници загинале во борбите.