Властите во опколениот украински град Мариупол соопштија дека, според изјавите на очевидци, околу 300 цивили загинале во рускиот воздушен напад врз театарот, што се користеше како засолниште.
Градскиот совет на Мариупол денеска на Телеграм напиша дека иако „никој не сака да верува во тоа што се случило, зборовите на оние кои биле внатре во зградата во моментот на терористичкиот чин го кажуваат спротивното“.
По нападот на 16 март врз Драмскиот театар во Мариупол, украинските власти се воздржуваат од давање биланс на загинати, велејќи дека сè уште се обидуваат да дадат потврдени бројки, но дека биле попречени од континуираното руско гранатирање во околните населби.
Градските власти со големи букви напишаа „Деца“ на плоштадите пред и зад театарот, каде, според властите, се криеле до 1.200 цивили кога руски воен авион ја бомбардирал и уништил историската зграда.
„Драмскиот театар во срцето на Мариупол отсекогаш бил визит-карта на градот. Сега нема повеќе Драма. На нејзино место се појави нова точка на болка за жителите на Мариупол, урнатините кои станаа последно засолниште за стотици невини луѓе“ се вели во својата објава на Градскиот совет.
Нападот предизвика негодување низ целиот свет и покрена наводи дека Русија извршува воени злосторства во нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.
Мариупол, кој пред војната имаше 400.000 жители, е претворен во урнатини, со загинати илјадници цивили, а десетици илјади сè уште бараат пат надвор од градот на безбедно место, бидејќи основните резерви се намалуваат.