Обвинение за 3 руски разузнавачи и програмер за хакирање во САД

Илустрација

Американските власти обвинија тројца руски разузнавачи за хакирање на американски нуклеарни компании и други фирми во период од шест години.

Ова се најновите во серијата обвинувања и откритија кои го покажуваат обемот и вештината на руските шпиони и хакери спонзорирани од државата, како и нивните напори да навлезат во американските компјутерски системи, приватни и јавни.

Обвинителите рекоа дека тројца мажи кои работеле за единицата наречена Центар 16 на Федералната служба за безбедност или ФСБ- водечката домашна разузнавачка агенција на Русија помеѓу 2012-2017 година испраќале лажна електронска пошта со вируси до енергетските компании во САД.

Откако електронската пошта ќе се отворела или корисниците кликнале на неа потоа им се овозможувало на службениците да вметнат штетни компјутерски кодови и да ги следат внатрешните компјутерски системи.

„Руските хакери спонзорирани од државата претставуваат сериозна и постојана закана за критичната инфраструктура во Соединетите држави и ширум светот“, рече заменик-јавниот обвинител Лиза Монако во соопштението со кое ги објави обвиненијата.

Веднаш не беше јасно зошто обвиненијата се поднесени на 24 март, бидејќи биле издадени во 2021 година. Прашањето за хакерите кои работат за руските разузнавачки агенции е во фокус по американските избори во 2016 година, кога, според американскиот специјален советник Роберт Мулер, руски агенти ги хакирале компјутерските системи на функционерите на американската Демократска партија, украле електронска пошта, а потоа ги објавиле во обид да се посрамоти тогашниот претседателски кандидат Хилари Клинтон.

Агенцијата која беше именувана од Мулер е руската воена разузнавачка агенција, позната како ГРУ. Друга разузнавачка агенција, позната како СВР, исто така е идентификувана во неколку инциденти со хакирање на компјутери од висок профил. Во 2017 година, двајца службеници на ФСБ беа вмешани во хакирањето на Јаху и кражба на речиси 1 милијарда мејлови, една од најголемите такви компјутерски кражби досега.

Посебно обвинение е покренато и против програмер кој работел за институт под руското Министерство за одбрана. Евгениј Гладких наводно користел тип на многу моќен малициозен софтвер познат како Тритон за да хакира петрохемиска фабрика во 2017 година.