Британската издавачка куќа „Лин Рекордс“ денеска го објавува и првиот самостоен компакт диск на Симон Трпчески насловен „Варијаци“, на кој македонскиот музичар се претставува со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.
„Убаво е кога убави нешта се случуваат па и во вакви предизвикувачки времиња. Многу сум среќен што излезе овој албум снимен во време на пандемија, во февруари минатата година во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу потешкотии од бројните протоколи и ограничувања за патување. Сепак мило ми е што со вонсериските напори на „Лин Рекордс“ и во тимска работа со „Бехштајн“ од Берлин успеавме да направиме еден многу убав производ под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри“ изјави Трпчевски за Македонско радио.
По настапите во рамките на Пролетната серија концерти на БиБиСи во Вигмор Хол во Лондон и на Фестивалот за класична музика „Мартовски музички дни“ во Русе, Бугарија, на покана од маестро Емил Табаков, Трпчески наредниот месец се враќа со рецитали во Соединетите американски држави и презакажаните настапи со Кралскиот шкотски национален оркестар во Единбург и Глазгов, Шкотска. До крајот на овој дел од сезоната тука се и серијата концерти со Сиднејскиот симфониски оркестар, премиерите на МАКЕДОНИСИМО – хрватската во Задар и Сплит и северноамериканската во Отава, Канада, повторни гостувања во Пјонгчанг, Јужна Кореја и Чикаго..., соопштува „КултурОп“.