Украина ја обвини Москва за депортација на цивили во Русија

Народниот правобранител на Украина, Људмила Денисова

Народниот правобранител на Украина, Људмила Денисова

Народниот правобранител на Украина, Људмила Денисова ја обвини Москва дека насилно однела стотици илјади цивили од уништените украински градови во Русија за да изврши притисок врз Киев да се предаде.

Денисова денеска рече дека 402.000 луѓе, вклучително и 84.000 деца, биле однесени против нивната волја во Русија, каде што некои може да бидат искористени како „заложници“ за да се притисне Украина да се откаже.

Кремљ даде речиси идентични бројки за оние кои се преселиле, но тврдеше дека тие сакале да одат во Русија. Во источните региони на Украина, контролирани од сепаратистите, се говори претежно руски јазик, а некои луѓе таму ги поддржуваат блиските врски со Москва.

Рускиот генерал-полковник Михаил Мизинцев рече дека околу 400.000 луѓе се евакуирани во Русија од почетокот на воената акција се од регионите Доњецк и Луганск во источна Украина, каде што проруските сепаратисти се борат да ја преземат контрола речиси осум години.

Руските власти соопштија дека обезбедуваат сместување и финансии за евакуираните.

Но, гувернерот на регионот Доњецк, Павло Кириленко рече дека „луѓето насилно се преселуваат на територијата на државата агресор“. Денисова рече дека меѓу луѓето имало и 92-годишна жена во Мариупол, која била принудена да замине во Таганрог во јужна Русија.

Украинските власти рекоа дека Русите ги земаат пасошите на луѓето и ги преместуваат во „филтрациони кампови“ на истокот на Украина, контролиран од сепаратистите, пред да ги испратат во различни далечни, економски депресивни области во Русија.