Неколку членки на Европската унија го отфрлија барањето на Русија од „непријателските земји“ да плаќаат во рубљи за природниот гас и нафта, потенцирајќи дека со тоа се прекршува договорот.
Гледајќи дека целта е да се зајакне загрозената руска валута поради осакатените економски и финансиски санкции за Русија, претседателот Владимир Путин рече дека Москва повеќе нема да прифаќа плаќања во долари или евра, од земјите кои воведоа санкции кон неговата земја.
Иако Путин не именуваше ниту една земја, се подразбира дека станува збор за Велика Британија, Канада, Јапонија, Швајцарија, Украина, САД и членките на Европската Унија.
„Ова би била еднострана одлука и јасно прекршување на договорот и би било навреда да се заобиколат санкциите“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на почетокот на самитот на ЕУ во Брисел.
„Нема да дозволиме нашите санкции да бидат заобиколени. Времето кога енергијата можеше да се користи за уцени заврши“, додаде таа.
Санкциите предизвикаа драстичен пад на руската валута откако Русија беше исклучена од меѓународните трансфери на пари.
Путин и даде рок од една недела на владата и централната банка да изнајде начин како плаќањето да се изврши во рубљи, а енергетскиот гигант Газпром има задача да направи соодветни измени во договорите.
Рускиот гас сочинува околу 40 отсто од вкупната потрошувачка на Европа.
Словенечкиот премиер Јанес Јанша изјави дека никој нема да плаќа во рубљи.
„Мислам дека никој во Европа не знае како изгледаат рубљите, никој нема да плати во рубљи“, изјави Јанша.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го нарече барањето на Москва „понижувачко“ и ги предупреди земјите кои се потенцијално погодени од потегот да не попуштаат.
„Доколку која било земја од ЕУ се поклони на понижувачките барања на Путин да плати нафта и гас во рубљи, тоа ќе биде како со едната рака да и помогне на Украина, а со другата да им помогне на Русите да убиваат Украинци. Ги повикувам релевантните земји да направат мудри и одговорни избори“, објави тој на твитер.