Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека официјално ја информирало Црна Гора дека протерува еден од дипломатите на земјата во Москва.
„Оваа мерка е одговор на одлуката на Црна Гора, донесена на 4 март годинава, за прогласување на дипломат од руската амбасада во Подгорица за персона нон грата“, се вели во соопштението на руското МНР.
Претходно, црногорското Министерство за надворешни работи прогласи руски дипломат за „персона нон грата“, истакнувајќи дека одлуката била донесена по налог на Агенцијата за национална безбедност.
Одлуката дојде откако медиумите во Црна Гора објавија дека двајца членови на Руската служба за надворешно разузнавање се сретнале во февруари со висок функционер од владејачкиот просрпски демократски фронт во градот Даниловград.
Русија и Црна Гора имаат комплицирани односи со години. Во 2014-та Црна Гора воведе санкции против Русија, приклучувајќи им се на земјите-членки на Европската унија, откако Москва незаконски го анектираше Крим од Украина.
Во 2016-та пак Црна Гора ја обвини Русија за спонзорирање на неуспешниот обид за државен удар, кој што наводно бил спроведен со цел да спречи приклучување на Црна Гора во НАТО.