Обвинителството денеска изведува докази за судењето за случајот „Софтвери” во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Меѓу доказите се најдоа записници за претрес на дом и други простории, како и потврда за пронајдени и привремено одземени предмети при извршените претреси на дом, како и на правното лице „Инвока”.
Помеѓу доказите, обвинителката Ивана Трајчева денеска презентираше и неколку Вибер-комуникации помеѓу обвинетите, кои се наоѓаат на листата на докази на Обвинителството и со кои, како што рече, се докажува дека постапката на набавување на софтверите е незаконита.
Според првообвинетиот Драги Рашковски, Обвинителството не понудило докази за комуникација преку Вибер, туку само ворд-документ со текст и тоа, како што рече, може многу лесно да се измени.
Првообвинетиот, се вели во Обвинителниот акт, не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „Перење пари и други приноси од казниво дело”. Уште шест лица се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување”.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а во улога на застапник на обвинението денеска е обвинителката Ивана Трајчева. Во обвинението е наведено и дека Рашковски од јуни 2017 до мај 2021 пуштил во оптек пари, околу 87 илјади евра, за кои знаел дека се од кривично дело и тие пари ги распределувал на сопствените сметки и банкарски картички, како и на сметките на своето семејство, а исто така предвреме си ги исплатил и претходно земените кредити. Обвинетите го оштетиле буџетот за над 300 илјади евра.