Ние не живееме во 24 часовниот циклус на вестите, ние живееме на работ на времето. Весниците и медиумите се целосно не екипирани и неспособни да се справат со она што ние го доживуваме. Каде е јазикот, што се движењата и што се сликите кои можат да ни овозможат да ги разбереме длабоките преминувања и вознемирувања кои ги доживуваме? И како можеме да ги премостиме содржините на нашите животи, токму сега, но не како репортажи туку како доживувања?
Вака со неколку констатации и исто толку прашања Питер Селарс, режисер и програмски директор на бројни извикани фестивали, ќе ја започне својата порака за 27 март – Светскиот ден на театарот. И, во истиот стил тој продолжува: „како да се издигнеме над бесконечното повторување на броеви за да го искусиме квалитетот и едноставноста на животот, суштината на екосистемот, пријателството, квалитетот на светлината на чудното небо?“ . Или, по две години од пандемијата „која ги отапе сетилата на луѓето, го ограничи нивниот живот, ги скрши врските, и не постави на чудна нулта точка во човечкиот хабитат“, кои семиња се потребни наново да се посадат или засекогаш да се истребат?
Толку многу луѓе се на работ. Толку многу насилство проникнува, ирационално или неочекувано. Толку многу етаблирани системи се покажаа како структури на перпетуална суровост. Каде се нашите церемонии на сеќавањето? Што ни е потребно за да запамтиме? Кои се ритуалите кои ни овозможуваат конечно и повторно да ги замислиме истите, и да почнеме да ги вежбаме чекорите кои никогаш претходно не сме ги направиле? Театарот на епската визија, цел, обнова, исцелување и грижа има потреба од нови ритуали, пишува Селарс.
А, потем легендарниот уметник со констатација: Нам не ни треба да не забавуваат. Нам ни треба да се собереме. Ни треба да споделиме простор, и ни треба да го култивираме споделениот простор. Нам ни требаат заштитени простори за длабоко слушање и балансирање. Театарот е креација на земјата, простор на баланс помеѓу луѓето, боговите, растенијата, животните, капките дожд, солзите и регенерацијата. Просторот на еднаквоста и длабокото слушање е осветлено од скриената убавина, која се одржува жива во длабока интеракција со опасноста, балансот, мудроста, активноста и трпението. Цветот на орнаментираната Сутра на Буда содржи десет видови на големото трпение во животот на човекот. Една од најмоќните се нарекува Трпеливост и Перцепција на Се’ како Чудо. Театарот отсекогаш го претставувал животот на овој свет како чудо, овозможувајќи ни да прогледаме низ човечката илузија, дезилузија, слепило, и одрекување со ослободувачка јасност и сила. Ние сме толку сигурни во тоа што го гледаме и на начинот на кој го гледаме тоа, така што не сме способни да видиме и почувствуваме поинакви реалности, нови можности, различни пристапи, невидливи поврзувања и безвременски конекции. Ова е време за длабоко освежување на нашите умови, сетила, нашата имагинација, нашите истории и нашите иднини. Оваа работа не може да ја направат изолирани луѓе кои работат сами. Оваа работа треба да ја направиме заедно, заклучува Питер Селарс.
Огнен Дрангоски, актер Витолски народен театар
И, кога сме кај неговата, интернационалната порака за 27 март - Светскиот ден на театарот, со еден поглед да се вратиме и на неговата импресивна професионална биографија.
Роден во Питсбург, Пенсилванија (САД), Питер Селарс е режисер и уметник кој се прослави со неговите револуционерни и трансформативни интерпретации на класиците, современата музика и колаборативните проекти со извонреден опсег на креативни и изведувачки уметници. Неговото дело ја осветлува моќта на уметноста како средство за морално изразување и општествено дејствување. Тој има поставено оперски дела на најпознатите глобални сцени, бил програмски директор на големи фестивали, а за издвојување е неговата тесна соработка со композиторот Џон Адамс.
Згора, Питер Селарс е е исклучително продуктивна и инспиративна фигура од светската сцена и угледен професор на Катедрата за светски уметности и култури на UCLA, основачки директор на Институтот Боетиус... и беше ментор на Rolex Arts Initiative. Добитник е на стипендијата MacArthur Fellowship, наградата Erasmus Prize за придонес во европската култура, наградата Gish Prize и член е на Американската академија за уметности и науки. Тој е и добитник на престижната награда за музика Polar Music Prize и беше прогласен е за уметник на годината од Musical America.
Даниела Иваноска, актерка во Театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп
А нашата Ана Стојановска, по повод Светскиот ден на театарот, обраќајќи им се на своите колеги уметници, „неговите движечки атоми, неговите витези и пркосници“, најнапред вели дека
Театарот постои откога постои човекот. Дека „во секој од нас се крие еден изведувач и тоа прво го чувствуваме, а потоа го освестуваме“. Деака „сакаме да играме, да создаваме приказни, да прикажуваме, да вознесуваме и да сме вознесени, да се радуваме, да пркосиме, да... и дека до денес тој порив, тој оган и пркос не исчезнал иако некогаш се притајувал и се криел поради различни причини: општествени, политички, лични, здравствени, религиозни. .
Живееме предизвик од време, живееме изместено и од координатите на општото добро, но и од координатите на личните достигнувања. Не само пандемијата туку и промените во светот, животот, дома, придонесе и на театарот да му се измести комоцијата. Како и секогаш, кога имало вакви разбурботени времиња, театарот се обидувал да се снајде. Театарот е пиреј. Преживува и преживеал сѐ. Не само болести, војни, уништувања, туку и печатот, радиото, телевизијата, видеото, дури и интернетот. Театарот ја носи во себе интимната човекова доблест – да се снајде! Исто колку што ја носи и таа да се спротивставува (на која повеќето забораваме). Театарот е гласот на отпорот во миговите кога сите други гласови се замолчени. Затоа е многу важно да го чуваме. Нам, што нѐ припитомил театарот, задача ни е да сме гласни и кога другите молчат, да кажеме кои факти се неточни, на кое место минатото на театарот е фалсификувано. Затоа што и тоа се случува. И денес. И кај нас, вели Стојаноска.
Таа и со констатација дека театарот го создаваат „писателите, режисерите, актерите, костимографите, кореографите, музичарите, сценографите, дизајнерите на светло, видео уметниците, сите активно вклучени театарски луѓе, но, и публиката, критичарите, театролозите, професорите од театарските школи, академии и факултети... и дека на сите нив е и одговорноста, „да го чуваат, да му овозможат да се снајде и да преживее и во вакви времиња“.
Затоа сакам да порачам да бидеме похрабри, драмските автори и писателите да пишуваат поотворено, похрабро, помоќно, режисерите да не си седат комотно во комфорните зони, актерите да се предизвикаат себеси и да направат уште поголеми изведби. Најважно од сѐ, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма на една театарска заедница, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат, затоа што ние сите му требаме на театарот. Ние, што го сакаме и сакаме со него да го збогатиме светот во кој живееме! Да ни е жив театарот, да му е силен гласот, да му е цврсто местото и да ги полни гледалиштата и физичките и дигиталните, да ја разменуваме енергијата, да ја пренесуваме емоцијата, да е посилна катарзата, порачува таа.
Родена во Прилеп 1977 година, Ана Стојаноска е театролог, писателка и редовна професорка на ФДУ – Скопје .
Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје во 2001 година, а постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот, а нејзина специјализација е театарската музеологија.
Авторка е на Ние (роман, избран во првите три на конкурсот за необјавен роман Пегаз), Лебед (роман, Полица, 2021), Трогледало (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма); Потпис: Трепетлика (збирка поезија, Три и „Антево перо“, 2020, за која ја доби наградата Антево перо за 2020) Јас и Лин, отпосле (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), Дијалози во еднина (Култура, 2019), Театар – предизвик: Студии и есеи (УКИМ, 2018), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена во продукција на Театра – Скопје, 2013.
Покрај тоа Стојаноска зад себе има стотина студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, а како коавтор се појавува на неколку театарски монографии. Пишува и театарска критика. Поезија и проза и е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот. За албумот „Крик и прашина“ (2019) ги пишуваше текстовите заедно со авторот Сашко Костов. Нејзина поезија е објавувана во повеќе меѓународни списанија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови.