Британскиот премиер Борис Џонсон го повика светот да ја спречи Русија да ги користи своите златни резерви.
Во изјава за радио ЛБЦ пред почетокот на самитот на НАТО за инвазијата на Москва над Украина, тој рече дека светот мора да направи повеќе на економски план за да биде запрена инвазијата иницирана од рускиот претседател Владимир Путин.
„Можеме ли да сториме повеќе за да го спречиме да ги користи своите златни резерви, на пример покрај паричните резерви? Што повеќе можеме да направиме за да го санкционираме SWIFT?“, рече тој мислејќи на меѓународниот систем за банкарски трансфери.
Џонсон рече дека, покрај зголемувањето на воената поддршка за Украина, „мораме да одиме понатаму“ на економски план.
„Мојата порака денес во НАТО ќе биде дека постојат начини на кои светот може да продолжи да го зголемува притисокот врз Путин“, рече тој.
„Колку повеќе го правиме тоа сега, толку поголем притисок вршиме сега, особено на работи како што е златото. Верувам дека можеме повеќе да ја скратиме војната, да го скратиме масакрот во Украина“, рече тој.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија, а странските компании исто така го прекинуваат своето работење или целосно се повлекуваат од Русија.
Според некои проценки, руската економија би можела да има пад од дури 15 проценти во 2022 година, бидејќи странските компании го прекинуваат работењето, извозниците ја прекинуваат трговијата, а рубљата нагло паѓа.