Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека рускиот претседател Владимир Путин направил „голема грешка“ со неговата неиспровоцирана инвазија врз Украина. „Претседателот Путин направи голема грешка, а тоа е да започне војна против независна суверена нација. Тој ги потцени силата на украинскиот народ, храброста на украинскиот народ и нивните вооружени сили“, изјави Столтенберг пред вонредниот самит на НАТО.
Тој додаде дека лидерите ќе разговараат за „потребата за ресетирање на нашето одвраќање и одбрана на подолг рок“. Воената алијанса соопшти дека ќе го удвои бројот на распоредувања што ги има во Европа со додавање на уште четири нови единици кои ќе бидат лоцирани во Романија, Унгарија, Словачка и Бугарија.
НАТО ги зајакнува силите во Источна Европа, додека трае војната во Украина
Тој, исто така, рече дека секоја употреба на хемиско оружје „фундаментално ќе ја промени“ природата на конфликтот меѓу Русија и Украина, бидејќи тоа ќе биде „еклатантно“ кршење на меѓународното право што ќе има „широки и тешки последици“. „Сериозноста на употребата на хемиско оружје, се разбира, станува уште поочигледна знаејќи дека секогаш постои ризик од контаминација... можеме да видиме ширење на хемиски агенси и на територијата на НАТО“, рече тој, не наведувајќи како НАТО ќе реагира на таков напад.