Зеленски ги повика француските компании да ја напуштат Русија

Илустративна фотографија/ Фабриката на францускиот мултинационален производител на автомобили Рено во Москва

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика француските компании да ја напуштат Русија и да престанат да ја спонзорираат „воената машина“ на Москва, како што направија многу други западни компании по бруталната инвазија на Кремљ врз Украина.

Во денешното видео обраќање до францускиот парламент, Зеленски рече дека француските компании мора да го напуштат рускиот пазар.

„Рено, Ошан, Лерој Мерлин и другите мора да престанат да ја спонзорираат руската воена машина“, повика Зеленски.

По руската инвазија во неговата земја, украинскиот претседател разговараше со повеќе законодавни тела преку видео врски , вклучително и со пратениците во САД, Велика Британија, Германија, Италија и Израел.

Зеленски пред францускиот парламент рече дека сликите од разурнати украински градови како Мариупол „потсетуваат на урнатините на Верден како на фотографиите од Првата светска војна“.

Верден е прогласен за град страдалник за време на Првата светска војна, а Верденската битка била една од најдолгите и најкрвави битки водена меѓу Германското Царство и Франција. Во неа животот го загубиле скоро 700 000 војници, од двете страни.

„Руската армија не прави разлика меѓу цели. Тие уништуваат станбени области, болници, училишта, универзитети“, рече Зеленски.

Производителот на автомобили Рено, кој е делумно во државна сопственост, минатиот месец го прекина производството во фабриките во близина на Москва, но оттогаш наводно го продолжил производството.

Големите француски трговци на мало како Ошан, Лерој Мерлин и спортската групација Декатлон, не го следеа бојкотот на Русија од страна на други врвни западни компании.

Руската воена инвазија врз Украина започна на 24 февруари.