Русија најави дека „непријателските“ земји ќе плаќаат во рубљи за снабдување со гас

Илустративна фотографија

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека Русија ќе почне да ги принудува „непријателските земји“, вклучително и сите земји од Европската унија, да ги плаќаат своите испораки на природен гас во рубљи.

Денешната изјава на Путин доаѓа во време кога осакатувачките меѓународни санкции, изречени кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, почнаа силно да ја погодуваат, особено нејзината локална валута.

Путин за време на неговиот состанок со владата рече дека Русија ќе престане да прифаќа плаќања во валути кои се „компромитирани“ во рок од една недела. Тој не кажа дали и испораките на нафта ќе бидат засегнати од овој потег.

Најавата значи дека европските држави кои воведоа санкции кон Русија, заедно со Велика Британија, Канада, Јапонија, Швајцарија, Украина и Соединетите Американски Држави, ќе мора да купуваат рубљи со нивните евра или американски долари по стапки утврдени од руската централна банка, за да платат за природниот гас испорачан од Русија. Овој потег ќе ја зајакне рубљата со зголемување на побарувачката за неа.

Минатата недела Путин потпиша декрет со кој им се дозволува на руските банки санкционирани од Западот да ги извршуваат своите обврски во однос на девизните депозити во рубљи по тековниот курс до 1 септември.

Блискиот сојузник на Русија, Казахстан, веќе изјави дека ќе користи руски рубљи за плаќање на царинските такси во билатералната трговија.