Централната банка на Босна и Херцеговина денеска предупреди дека земјата годинава ја очекува голем раст на инфлацијата поради неповолните економски влијанија и постојаниот раст на цените, предизвикани од руската инвазија на Украина.
„Инфлацијата за првата половина од годинава ја проценуваме на 9,2 отсто“, се наведува во соопштението на банката.
Инфлацијата за првата половина од 2022 година, во декември беше проценета на 4,5 отсто.
Силниот раст на инфлацијата се темели на очекуваното зголемување на цените на нафтата, гасот и на храната на меѓународните пазари за испорака за првите шест месеци годинава.
Забавување на инфлацијата се очекува во втората половина од годината, првенствено поради базниот ефект од 2021 година и претпоставката дека нема да има натамошен интензивен раст на цените на храната и на енергијата.
Се предупредува дека сите прогнози се несигурни.
Постои закана и од зголемување на цената на електричната енергија, Босна и Херцеговина ја има доволно за свои потреби, но, трошоците за производство, веројатно, ќе мора да се усогласат со тие на светскиот пазар.
Влијание ќе има и на очекуваниот раст на БДП, што претходно за 2022 година е проценет на ниво од 3,9 отсто, а сега е извесно дека ќе биде значително помал, но, од банката не наведуваат колку ќе изнесува тоа намалување.