Се враќа бесплатниот превоз во ЈСП за пензионери, средношколци и студенти

Автобуси на ЈСП во Скопје

ЈСП Скопје повторно го започнува бесплатниот јавен превоз за возрасни лица, за жени над 62 години и мажи над 64 години и ќе важи во вторник, петок, сабота и недела. Бесплатниот превоз ќе се врати и за средношколците, студентите од државните универзитети и лицата со попреченост, истакна на денешната прес конференција в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, Иван Илиевски.

Средствата за воведувањето на бесплатниот превоз, Илиевски рече дека се обезбедени од Град Скопје согласно одлуката на Советот на Град Скопје за дотации или давање субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие. Со ова олеснување ќе бидат опфатени околу 80 илјади корисници на јавниот превоз во Скопје.

Во однос на тоа кога би се вовел бесплатен јавен превоз за сите категории, Илиевски рече дека се работи на консолидирање на претпријатието од економски аспект и зголемување на човечки ресурси, како и дека бесплатниот и еколошкиот превоз во Скопје ќе бидат исполнети во согласност со ветувањата на градоначалничката на Скопје.

Басплатниот автобуски превоз беше укинат во март 2020 заради заштита од ширење на коронавирусот. Потоа беше враќан, па повторно укинуван.
Бесплатниот автобуски превоз за пензионери во одредени денови од неделата беше воведен во 2013 година.

Едно од предизборните ветувања на градоначалничката Данела Арсовска беше дека ќе го направи јавниот превоз во Скопје целосно бесплатен.